Од 2 март, Израел ги држи граничните премини затворени, спречувајќи влез на хуманитарна помош, туркајќи ја територијата во состојба на глад што веќе одзеде многу животи

Вкупно 87 камиони со хуманитарна помош влегоа во Појасот Газа, првпат по 81 ден целосна блокада наметната од Израел со затворање на граничните премини, соопшти канцеларијата за медиуми во Газа, пренесува Анадолија.
Исмаил aл Тавабтех, директорот на канцеларијата, за агенцијата Анадолија изјави дека досега влегле 87 камиони што носат разни форми на помош.
Според него, помошта е доделена на меѓународни и локални организации како дел од напорите за нејзина дистрибуција до палестинскиот народ со цел барем делумно да се задоволат нивните итни хуманитарни потреби.
Канцеларијата предупреди дека за да функционира животот во Газа, потребни се најмалку 500 камиони дневно со итна хуманитарна, медицинска и прехранбена помош, како и најмалку 50 камиони со гориво, со оглед на растечкиот глад предизвикан од израелската блокада што трае повеќе од два месеци.
Од 2 март, Израел ги држи граничните премини затворени, спречувајќи влез на хуманитарна помош, туркајќи ја територијата во состојба на глад што веќе одзеде многу животи.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија ја продолжи својата брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, а досега се убиени речиси 53 700 Палестинци, претежно жени и деца.
Во ноември, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со обвинение за геноцид во Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.