Од ЕСМ велат оти исклучувањето е од превентивен карактер бидејќи, како што велат, во услови на енормна влага кај депонираниот јаглен поради интензивните врнежи од снег, потребната моќност на термоблоковите може да се постигне само со користење на огромни количини на мазут – што може да доведе до нарушена работа на котелот
Првиот блок на РЕК „Битола“ е времено исклучен од електроенергетска мрежа. Исклучувањето, како што информираат од АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), е од превентивен карактер.

„Во услови на енормна влага кај депонираниот јаглен поради интензивните снежни врнежи, потребната моќност на термоблоковите може да се постигне само со користење на огромни количини на мазут – што може да доведе до нарушена работа на котелот“,
информираат од ЕСМ.
Оттаму додаваат дека застојот нема да биде подолг од неколку дена, со оглед на тоа што се очекува стабилизација на временските услови, а со тоа и подобрување на квалитетот на јагленот.
Од ЕСМ додаваат дека ќе продолжи производството од ТЕ „Битола 3“, „ЕСМ Енергетика – Когел“, расположливиот хидропотенцијал и ветерниот парк „Богданци“, во согласност со потребите на универзалниот снабдувач.