Министерката за труд денеска соопшти дека е завршен пописот на лицата што се сместени во објекти за згрижување бездомни лица
Првичната бројка на бездомни лица во земјава е околу 350. Таа е добиена од штотуку завршениот попис во неколку објекти каде што тие се згрижени, почнувајќи од Визбегово и Чичино Село, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
И Шахпаска денеска се приклучи кон апелите до граѓаните да се вклучат во пописот и да не се плашат поради пандемијата бидејќи, како што рече, се преземаат сите неопходни мерки за заштита, а самата операција е неопходна за функционирање на општеството.
„Особено е значаен пописот за МТСП. Зошто? Затоа што цели 20 години ние ги немаме вистинските бројки на категориите на граѓани чии проблеми ги адресира односно ги решава Министерството“,
рече таа.
Тука ги посочи прво пензионерите, чиј број рече дека е важен во контекст на изградба на нови домови за сместување стари лица, како и лицата со попреченост за кои СЗО вели дека се 15 проценти од општата популација.
„Понатаму, многу е значајна и бројката на деца, бидејќи тоа ја наметнува потребата за предшколско образование и бројот на градинки коишто МТСП треба да ги отвори, приматели на социјална помош итн. За ова се потребни реални, објективни податоци коишто се добиваат пред се со пописот“,
истакна Шахпаска.