Премиерот Ковачевски и министерката Лирман се согласија дека целосната интеграција на Западен Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратегиска инвестиција за стабилна и просперитетна Европа, се вели во владиното соопштение
Примерот Димитар Ковачевски, кој утрово официјално ја презеде функцијата од неговиот претходник Зоран Заев, денеска ја имаше и првата средба на оваа функција – во Владата ја прими министерката за Европа и клима на Сојузна Република Германија, Ана Лирман.

Како што соопштија од владината прес-служба, тој изразил задоволство што на неговиот прв работен ден како премиер остварува средба со претставничка на Владата на земја која е докажан пријател на Република Северна Македонија и искрен и силен поддржувач на европските интеграции на нашата земја.
„На состанокот со министерката Ана Лирман, на кој присуствуваше и министерот Бојан Маричиќ, премиерот Ковачевски изрази благодарност што новоизбраната влада на СР Германија, предводена од канцеларот Олаф Шолц, го стави проширувањето на ЕУ со Западен Балкан високо на нејзината коалициска програма и особено што експлицитно ја нагласи потребата без натамошно одложување да се отворат првите преговарачки поглавја со Северна Македонија и Албанија како следен чекор на проширувањето на ЕУ кон регионот“,
се вели во соопштението.

На средбата беше потцртана економската соработка со СР Германија, со која како земја од која доаѓаат најголемите инвестиции, во иднина посебно внимание ќе биде посветено на проекти од обновливи извори на енергија, активности во клучните области како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Ковачевски истакна дека на утрешната посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков гледа како на исчекор за изнаоѓање заемно прифатливо решение со Софија во духот на добрососедските односи за да се деблокира постапката за утврдување датум за одржување на Меѓувладината конференција со ЕУ како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Премиерот Ковачевски и министерката Лирман се согласија дека целосната интеграција на Западен Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратегиска инвестиција за стабилна и просперитетна Европа, се вели во владиното соопштение.