Жител на Флорида стана првиот обвинет кој е осуден на затворска казна за неговата улога во протестите и упадот во Капитол Хил, при протестите во Вашингтон на 6 јануари годинава
Пол Алард Хоџкинс призна вина уште во јуни за едно од делата – влез во Капитол Хил и попречување на работата на Конгресот. Осуден е на 8 месеци затвор. Обвинетелството бараше казна од 18 месеци, затоа што Хоџкинс придонел за општо загрозување на демократијата.

Се очекува пресудата да постави пракса за стотици случаи поврзани со упадот во Капитол Хил, кои допрва треба да стигнат пред суд.
38 годишниот Хоџкинс, пред судот во Вашингтон, кажал дека учеството во упадот во Капитол Хил било „глупава одлука“ и дека жали за „штетата што ја предзивикале инцидентите од тој ден и што била повредена земјата што ја сакал“.
Хоџкинс, кој работи како управувач на кран, е еден од околу 800 луѓе кои упаднаа во Капитол Хил на 6 јануари. До овој момент, ФБИ (Федералното Биро за Истраги) има уапсено повеќе од 535 луѓе за криминални активности на денот на нередите.
На видео материјалите, може да се види како Хоџкинс шета во Сенатот и носи маица со логото Трамп 2020, а има и знаме со Трамп на рамото. Меѓу судските документи има и самослик кој го направил Хоџкинс во Сенатот.
Обвинителите истакнале дека Хоџкинс, освен што упаднал во Капитол Хил, лично не учествувал во насилни дејствија или уништување на имот.
