Во пресудата, која Петрушевски ја објави на Фејсбук, може да се види дека тој на пратеникот Костовски треба да му исплати 150 илјади денари плус законска камата за душевна болка предизвикана од навреда искажана од собраниската говорница

По првпат во историјата на плурализмот во Македонија, пратеник е осуден за став искажан од собраниската говорница. Ова власт веќе не е диктатура, туку комплетно премина во тиранија. Со оваа објава на социјалните мрежи, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, потврди дека Основниот суд – Куманово донел пресуда во која се вели дека тој во говор од собраниската говорница го омаловажил колегата пратеник од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, и му ја повредил честа.
„Токму за да се оневозможат ваквите притисоци врз опозицијата, Уставот и Законот предвидуваат имунитет на пратениците за ставови искажани од собраниската говорница. Но, одамна Уставот и Законите на оваа држава за власта на ДУИ и СДС се само обична хартија за еднократна употреба. Јавно им кажувам, ниту ќе ме уплашат, ниту ќе ме замолчат, ниту ќе ме запрат да им ги кажувам криминалите дирекно в очи. Уште помалку пак ќе ме присилат да им ги гласам уставните измени. Напротив, само уште повеќе ме мотивираат. Нека се подготват наредниот период да преживуваат уште посериозна ‘душевна болка’“,
се вели во објавата на Петрушевски на неговиот фејсбук-профил.
Во пресудата, која Петрушевски ја објави на Фејсбук, може да се види дека тој на пратеникот Костовски треба да му исплати 150 илјади денари плус законска камата за душевна болка предизвикана од навреда искажана од собраниската говорница.
Пратеникот Мартин Костовски, како што може да се види во пресудата, барал надомест на штета од 600 илјади денари, но судот само делумно го усвоил тоа барање.
„Во останатиот дел туженото барање на тужителот Мартин Костовски, кој бара да му се надомести нематеријалната штета предизвикана поради повреда на лични права за душевни болки поради повреда на чест и углед во висина од 600 илјади денари односно за разликата од уште 450 илјади денари над досудениот износ со законска камата, се одбива како неосновано“,
се наведува во пресудата.
Според пратеникот Петрушевски, во пресудата не стои по кој член и закон е осуден и додава оти имунитетот му е загарантиран со Уставот, Законот за пратеници и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
Во Законот за пратеници, во член 16 е наведено оти пратеникот не може да биде повикан на кривична или друга одговорност, или да биде притворен за искажано мислење или гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела.

Петрушевски е осуден затоа што од говорницата го обвинува Костовски дека зел канадски пасош за да се спаси од затвор, по објавувањето на закон без потпис и указ од претседателот на државата. Рекол и дека за да гласа за францускиот предлог, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја вработил неговата сопруга во МНР, како и дека ќе треба да докаже како со чиновничка плата од 50 до 60 илјади денари гради зграда во центарот на Куманово. Го обвинувал и дека земал пари за да вработува лица во градската администрација, како и дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го спасил откако со 1,47 примили алкохол во крвта нападнал двајца негови сограѓани.
Пратеникот Мартин Костовски, на својот фејсбук-профил вчера објави дека во Основниот суд – Куманово е донесена пресуда со која се утврдува граѓанска одговорност за навреда и клевета на пратеникот Бране Петрушевски.
„Во неколку наврати ме навредуваше и изнесуваше невистини и клевети за мене, како негов колега и мора да признам дека ме повреди многу. Политиката не е средство меѓусебно да се повредуваме, туку напротив за мене политиката е можност да го дадеш најдоброто од себе за државата и народот. Тој не е осуден затоа што е пратеник на опозиција и за да се замолчи, туку затоа што зборува невистини, лаги и навреди. И на крај од секој од нас зависи како ќе се однесуваме на говорница, на емисија, на прес-конференција, да се бориме со идеи не со лаги и навреди“,
се вели во објавата на Костовски.