Средствата во висина од 263 милиони денари предвидени за одржување на локалните избори годинава можеби нема да бидат доволни, бидејќи во некои општини ќе треба да се спровдат два круга на гласање, а ќе се избираат и советници и градоначалници.
Ова, на денешната прва јавна седница од новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК), го рече претседателот Александар Даштевски.
ДИК го усвои и годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки за 2021 година, односно за потребите за платите и за тековното работење на комисијата во износ од 77 297 000 денари. Сите набавки ќе одат преку електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки, вклучувајќи ги тука и оние за организирање на Локалните избори 2021 година.
„Набавките и оваа година ќе бидат транспарентни и може ќе се намалат цените заради поголемата конкурентност. Поголемиот дел од набавките за овие избори ги делиме заедно со општините каде ќе се спроведуваат изборите. Што се однесува до ОИК, избирачките одбори нивниот траснпорт до избирачкото место го плаќаат општините, додека техничкиот дел или материјалот спаѓа на товар на ДИК“,
рече потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.
Меѓу ставките за набавки на стоки и услуги за изборите, се 2,5 милиони денари за средства за обележување и проверка на гласачите, за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија два милиони денари, за изработка и печатење на доверлив изборен материјал и избирачки список 42 милиони денари, за дизајнирање прирачници и едукација на изборните органи 900 000 денари, избор на ПР агенција за обука на гласачи 2,8 милиони денари, и 1,2 милиони денари за закуп на мрежна опрема за поврзување на ДИК со ОИК.
Една од најголемите ставки додаде членот на Комисијата, Борис Кондарко, се финасиските трошоци за видот на надоместоците кои ги определува ДИК со правилник за работа на изборните органи, односно за преку 36 000 лица ангажирани во сите 3 500 избирачки одбори и 80 ОИК-ии, а кои по Законот за локални избори, паѓаат на товар на општините кои треба да ги планираат овие средства во редовните годишни буџети.
За медиумска кампања за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 предвидени се 170 милиони денари. Доколу има потреба од повеќе ќе побараат и дополнителни средства од Министерството за финансии, рече Даштевски одговарајќи на новинарско прашање.