Во моментов со симптоми на грип на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти, од кои дел се на кислородна поддршка. Двајца пациенти се на респираторна поддршка, интубирани на Одделот за интензивно лекување
На Клиниката за инфективни болести во Скопје пред три дена почина 75-годишна жена, кај која лабораториски бил потврден грип од типот А. Ова денеска го соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана, посочувајќи дека ова е прв смртен случај поврзан со грип од почетокот на годинава.

Пациентката, како што рече, имала повеќе хронични заболувања и не била вакцинирана против сезонски грип. Вирусот кај неа предизвикал компликации поради што било неопходно болничко лекување.
„На 11.1.2026 година имаме смртен случај на пациентка кај која лабораториски е потврден грип од типот А“,
вели Цана.
Посочи дека во моментов со симптоми на грип на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти, од кои дел се на кислородна поддршка.
„Двајца пациенти се на респираторна поддршка, интубирани на Одделот за интензивно лекување“,
рече тој.
Очекува прегледите во амбулантите драстично да се зголеми на крајот на месецот и на почетокот на идниот, кога се очекува и врвот на грипот.
Освен возрасните лица и оние со коморбидитети, на удар на вирусот се и децата.
Клиниката во Козле, како и таа за детски болести, е полна со пациенти. Меѓу нив има и бебиња од 18 месеци со пневмонии, опструкции и дехидратации.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), до 4 јануари не се регистрирани починати од грип, што значи дека денешниот случај ја потврдува ескалацијата во оваа сезона.
