Помеѓу новите 24 заразени со коронавирус во земјава, еден од пациентите е од Тетово, со што овој град влезе на мапата каде има регистрирани случаи. Станува збор за маж на возраст од 69 години.
„Сношти е утврдено дека кај маж на 69 години бил позитивен на тестот за коронаврусот. Тој е хоспитализиран, не ми е позната состојбата бидејќи дојдовме од Скопје во Тетово. Тој бил и претходно на болничко лекување на клиниката во Скопје и тука во Тетово. Сите блиски конакти и здравствени работници ќе бидат анкетирани од епидемиолозите од тетовскиот Центар за јавно здравје“,
изјави директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, при посетата на тетовскиот Центар за јавно здравје, пренесува „Тетово инфо“.
Покрај пациентот од Тетово, останатите 23 нови случаи се регистрирани во: Скопје (15), Куманово (4), Дебар (2), Охрид (1) и Штип (1).
Со денешните бројки, вкупниот број на заразени лица во земјава се искачи на 201.
Во меѓувреме од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се испишани двајца пациенти кои на два контролни теста на ковид-19 имале негативен резултат. Пациентите се во добра здравствена состојба и се пуштени на домашно лекување. Со ова во земјата досега има тројца излекувани пациенти, но и тројца починати.