Од идното лето во мисијата КФОР ќе учествуваат околу 180 наши војници, подофицери, и офицери
Четириесет и четири припадници на Армијата – штабни офицери и вод за обезбедување, од денеска се дел од мисијата на КФОР, но овој пат како претставници на земја – членка на НАТО. Тие ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата и командата „Запад“.

„Пред нас можеме да ја видиме нашата НАТО – Армија, пред нас се 44-мина, посветени мотивирани и храбри припадници на Армијата на Република Северна Македонија кои рамо до рамо, еднакви помеѓу еднаквите ќе го покажат сето она што го знаат и сите оние вештини и знаења пред своите колеги од сојузничките земји во мисијата КФОР“,
рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната свеченост во касарната „Илинден“.

„Не постои ниту една моја средба во сите овие години со високи претставници на НАТО, и цивили и генерали, на кои тие не зборуваа со посебен респект за квалитетот на македонските контингенти и во Авганистан, каде што го чувавме седиштето на мисијата во Кабул и за нашето учество во борбени мисии од кои многу наши војници се вратија со највисоки странски одликувања за покажаната храброст“,
рече претседателот Стево Пендаровски.

Првиот контингент се состои од 44 припадници кои ќе работат како штабни офицери во главната команда во Приштина и ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад. Веќе во следната ротација, планот е бројот на припадници во КФОР да се зголеми на над 60 припадници, а од идното лето заедно со Националната гарда на Вермонт од САД, надвор од воспоставените ротации во период од 9 месеци, да се зголеми со над 100 – тина припадници на Армијата. Вкупно од идното лето во мисијата КФОР ќе учествуваат околу 180 наши војници, подофицери, и офицери.