Премиерот нагласи дека секој странски државјанин за кој МВР има информации оти е лице што со влез во земјава потенцијално би ја нарушило националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата, согласно Законот за странци, нема да биде пропуштено во државата
Сите оние што не се добронамерни, што провоцираат и ги негираат македонскиот народ и држава, а со тоа ги нарушуваат чувствата на Македонците, нема да можат да влезат во државата. Секој оној, пак, што сака да присуствува на утрешното чествување и е добронамерен ќе може да дојде и да се поклони на гробот на великанот на македонската национална борба, со претходна најава.
Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на утрешното одбележување на годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев чие чествување деновиве ги засили полициските обезбедувања на реонот околу црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Ковачевски нагласи дека секој странски државјанин за кој МВР има информации оти е лице што со влез во земјава потенцијално би ја нарушило националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата, согласно Законот за странци, нема да биде пропуштено во државата.
„Тие одлуки се носат согласно Законот за странци, согласно информациите со кои располага МВР, се носат на денот на настанот и во деновите пред настанот. Можете да видите дека МВР уште од вчерашниот ден ги презема потребните активности“,
рече премиерот Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на компанијата „Виталиа“.
Прашан дали за утрешниот настан свое присуство најавила делегација од Бугарија, премиерот одговори одречно.
„Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува утре на одбележувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев. До овој момент, од кабинетот на премиерот на Бугарија јас немам најава за официјална бугарска делегација којашто би положила цвеќе“,
кажа премиерот Ковачески.
Во својата изјава премиерот уште еднаш нагласи дека Министерството за внатрешни работи е должно да обезбеди мирно и достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Делчев, согласно заклучоците што претходно беа донесени на Советот за безбедност и од Владата.
Во насока на одржување на мирот во текот на утрешниот ден, премиерот им порача на сите здруженија на граѓани и поединци кои планираат да присуствуваат на чествувањето тоа да го направат без провокации и нарушување на односите на двете соседни држави.
Бугарската непрофитна организација Фондација „Македонија“, која се декларира како бугарска културна и образовна организација, вчера упати повик до сите Бугари во Скопје, а посебно до помладите, да присуствуваат на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев што ќе се одржи в сабота во Скопје.
Во објавата се додава дека организацијата добила потврда од над 40 Бугари од Скопје и од земјава дека ќе присуствуваат на чествувањето на 4 февруари во црквата „Св. Спас“.
Во меѓувреме, улицата „Самуилова“ која води до гробот на Делчев од вчера попладне е блокирана за возила. Влезот во црквата „Свети Спас“, пак, денеска е целосно забранет, а полициски сили се распоредени наоколу и ги одвраќаат граѓаните што сакаат да влезат во црквата.
На улицата и на тесните сокаци низ чаршијата кои водат кон црквата е поставена метална ограда. Движењето во околината е ограничено, но е дозволено.