„Верувам дека постојат шанси Србија да влезе во ЕУ пред 2030 година. Но, постои и друга дилема – како да се реши прашањето за Косово и Метохија. И јас не можам и нема да ја прифатам независноста на Косово. Ако некој друг го сака тоа по мене, нека го реши“, рече во интервју за РТС српскиот претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека против Србија се води сериозна хибридна војна, но оти тој како шеф на државата направил сè за да ги зачува мирот и стабилноста.

Во гостување на Радио-телевизија Србија (РТС) зборуваше и за нападот во шаторот поставен од студенти што се спротивставуваат на блокадите, оценувајќи го како терористички чин, иако тамошното обвинителство го оквалификува како обид за убиство, нелегално поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материјали и предизвикување општа опасност.
Според него, постојат шанси државата да влезе во Европската Унија до 2030 година, но оти главна пречка за тоа е косовското прашање.
На новинарско прашање кога Србија ќе влезе во ЕУ, Вучиќ рече оти во следната година и пол ќе има многу изненадувања и многу различни геополитички одлуки бидејќи многу работи се менуваат.
„Верувам дека постојат шанси Србија да влезе во ЕУ пред 2030 година. Но, постои и друга дилема – како да се реши прашањето за Косово и Метохија. И јас не можам и нема да ја прифатам независноста на Косово. Ако некој друг го сака тоа по мене, нека го реши“,
вели тој.
За тоа дали интересот на граѓаните е државата да не воведува санкции врз Русија отколку таа побрзо да се движи кон ЕУ, Вучиќ вели оти верува дека тие (ЕУ) разбираат дека државата е важна за Унијата, и тоа можеби повеќе од порано.
„ЕУ е многу важна за нас, немам илузии за тоа. ЕУ е најголемиот инвеститор и сè уште најдоброто место за живеење, иако стапката на раст и економијата се во пад“,
кажа тој.
За последната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Белград, посочи дека имале долг разговор за сите важни теми.
Во интервјуто, Вучиќ вели и дека нема недостиг од нафтени производи поради воведувањето на санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) врз Српската нафтена индустрија (НИС).
