Организаторите најавија нов протест пред собраниската зграда за утре во 11 часот
Организаторите на повеќедневните протести под мотото „Ултиматум – не благодарам“, што во текот на денешниот ден започнаа на пладне пред Собранието, вечерва соопштија дека за денеска протестниот собир е завршен и најавија нов протест пред собраниската зграда за утре во 11 часот. Сепак, група демонстранти со развиорени знамиња и натаму остана пред Собранието, а најавите се дека шаторите кои што се поставени од вчера ќе останат и во текот на ноќта, а утре дека ќе ги има во поголем број.

Доцна попладнево по завршувањето на 81-та седница на Собранието, на чиј дневен ред е Информацијата по содржината на предлог-преговарачката рамка, на демонстрантите им се придружија и дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Во текот на денешниот протест учесниците пред Собранието се појавија со транспарентите „Македонци уште се борат за своите правдини“, „Слободна ја сакаме, не сакаме протекторати“, „Стоп за бугаризација“, а дел од нив незадоволството го искажаа преку свирежи и фрлање со јајца, камења и тврди предмети кон собраниската зграда.
Поради овој инциднет, МВР соопшти дека се приведени пет лица.