Претставници на синдикатите на ЈСП не успеале да остварат средба со градоначалничката Арсовска, но, велат дека платите денеска биле пуштени на сметките на вработените и утре нема да го има најавениот протест
Вработените во ЈСП денеска ја добија јулската плата на своите сметки и утре нема да го има најавениот протест, вели Миќо Стојановски, претседател на еден од трите репрезентативни синдикати на ЈСП „Скопје“.
Претставници на синдикатите во ЈСП денеска беа пред бараките на Град Скопје каде чекаа да имаат средба со градоначалничката Данела Арсовска за да се најде решение за проблемот со задоцнетите плати. Но, и покрај тоа што не успеале да ја остварат средбата, Стојановски вели дека платите денеска биле пуштени на сметките на вработените.
Стојановски го повтори барањето да не мораат со молби и со барања да добијат плата навреме и да се наоѓа конкретно решение за да нема вакви проблеми во иднина.
„Со години наназад истиот проблем се решава ад хок за да се смират тензиите и притисоците врз вработените. И буџетот што го донесе Советот на Град Скопје за 2023 година беше побогат за неколку милиони евра за субвенции на ЈСП ’Скопје’. Владата исплаќа блок дотации што еве, во моментов или доцнат или ги нема. Се надевам ќе дознаеме во што е проблемот и полека ќе почнеме да ги решаваме работите“,
додаде Стојановски.
Вработените во ЈСП, во октомври минатата година по првпат ги оставија скопјани без јавен превоз откако решија да протестираат поради неисплатени плати. По два дена, автобусите на ЈСП беа вратени на улиците откако Градот обезбеди плата за вработените. Советот на Скопје донесе одлука за пренамена на средства за исплата на плати за вработените.