Според српското МНР, објавувањето на ова марка, на Денот на победата над фашизмот, се сфаќа како непријателска провокација насочена против територијалниот интегритет и суверенитет на Србија
Српското Министерството за надворешни работи денеска му врачи протестна нота на в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Белград, поради објавувањето на поштенска марка на која се наоѓа географска карта на, како што се наведува во реакцијата, фашистичката Независна држава Хрватска (НДХ).
„Министерството за надворешни работи на Србија го искажува својот најостар протест против печатењето и објавувањето на поштенска марка со географска карта на фашистичката Независна држава Хрватска, во која се вклучени делови од Република Србија се до Белград, делови од Црна Гора и цела Босна и Херцеговина, а чие споменување евоцира спомени на граѓаните на Србија и на српскиот народ како целина во најтемниот период во поновата историја. Ваквите обиди за историски ревизионизам грубо ги нарушуваат билатералните односи меѓу Србија и Северна Македонија, како и соработката и стабилноста во целиот регион“,
се наведува во протестната нота на српското МНР.

Во нотата се додава дека објавувањето на ова марка, на Денот на победата над фашизмот, се сфаќа како непријателска провокација насочена против територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, како и навреда за целиот српски народ, кој во концентрационите логори на истата НДХ, страдаше со стотици илјади за време на Втората светска војна.
МНР на Србија бара спорната поштенска марка веднаш да се повлече од оптек, како и македонската влада најостро да го осуди нејзиното печатење и објавување. Во спротивно, како што се наведува, МНР на Србија ќе преземе понатамошни чекори за да ги заштити интересите на државата.
