Бугарското МНР ја прифати јавната реакција на македонското Министерство, со која беше осуден вандалскиот чин и е ветена истрага и изведување на сторителите пред лицето на правдата
Претходно Бургија испраќаше протестни ноти до македонското МНР и за сквернавењето на спомен-плочата на споменикот на загинатите бугарски туристи во Охрид и поради тоа што на „Деве Баир“ била запрена пратка со бугарски книги.
Привремениот шеф на Амбасадата на Северна Македонија во Софија, Владимир Крстевски, денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи на Бугарија, каде што му е врачена протестна нота поради отстранување на бугарското знаме во Битола.
Како што јави МИА од Софија, за време на состанокот помеѓу директорката на Дирекцијата за Југоисточна Европа во бугарското Министерство за надворешни работи, Вања Андреева-Малакова и в.д. шефот на Амбасадата на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крстевски, било посочено дека на 28 август 2021 година бугарската страна констатирала отстранување на знамето на Бугарија, поставено до канцеларијата на Службата за трговија и економски прашања при Генералниот конзулат на земјата во Битола.
Бугарија изрази длабока огорченост поради инцидентот. Исто така, беше нагласено дека секоја акција, изразување омраза против друга земја или нејзините граѓани е во спротивност со основните вредности на модерните демократски општества и го попречува воспоставувањето добрососедски односи.
Во официјалното соопштение по состанокот, бугарското Министерство за надворешни работи ја прифати јавната реакција на Министерство за надворешни работи на Северна Македонија, во која остро беше осуден вандалскиот чин и беше ветена истрага и изведување на сторителите пред лицето на правдата.
За време на состанокот, бугарските власти ја изразија својата загриженост за честите случаи на напади и агресија предизвикани од омраза кон Бугарија, вклучително и против државјани на Република Северна Македонија со бугарско потекло или оние што се симпатизери на Бугарија, пренесува МИА.
Претходно Бургија испраќаше протестни ноти до македонското МНР и за сквернавењето на спомен-плочата на споменикот на загинатите бугарски туристи во Охрид и поради тоа што на „Деве Баир“ била запрена пратка со бугарски книги.