Официјалните податоци за бројот на загинатите сè уште не се објавени, а иранската државна телевизија претходно објави дека загинале 41 лице, меѓу кои и полицајци, а активистите тврдат дека бројот на загинати е многу поголем
Повеќе од една и пол недела низ Иран се одржуваат протести поради смртта на Махса Амини која беше притворена од полицијата за морал. Според извештаите на иранските медиуми, најмалку 41 лице загинало во протестите.

Претседателот Ебрахим Раиси изјави дека смртта на девојчето ги растажи сите во Иран, но дека хаосот на улиците е неприфатлив.
„Сите сме тажни поради овој трагичен инцидент. Сепак, хаосот е неприфатлив“,
рече Раиси во интервју за државната телевизија.
Претходно Раиси изјави дека Иран мора одлучно да се соочи со оние што се против безбедноста и мирот во земјата.
Во 80 града низ земјата се одржуваат масовни протести, а со денови најмногу луѓе се собираат во Техеран.
Ројтерс јавува дека безбедносните сили користат солзавец, палки и муниција за да ги смират протестите и да ги обесхрабрат граѓаните да се соберат.
Најмалку трипати во изминатата недела во Иран беше прекинат пристапот до интернет од мобилни телефони. Активистите сметаат дека тоа е направено за да се спречи ширење на снимки од насилството од протестите.
Официјалните податоци за бројот на загинатите сè уште не се објавени, а иранската државна телевизија претходно објави дека загинале 41 лице, меѓу кои и полицајци, а активистите тврдат дека бројот на загинати е многу поголем.
Демонстрантите сакаат поголеми лични слободи, помалку строги правила за облекување, а протестираат и против економската состојба, која се влошува поради санкциите.
Жените одиграа значајна улога за време на повеќедневните протести, соблекувајќи го хиџабот и палејќи ги превезите. Некои дури и јавно ја потстрижуваат косата, повикувајќи на пад на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Ова се најголемите протести од 2019 година кога имаше протести поради цената на горивата. Тогаш за време на задушувањето на демонстрациите беа убиени 1 500 луѓе – тоа беше најкрвавиот конфликт од формирањето на Исламската Република.
Солидарноста со демонстрантите во Иран со денови се изразува во поголемите светски градови.
Граѓаните се собираат ширум светот, најмногу пред иранските амбасади во големите градови.
На протестот пред иранската амбасада во Мадрид демонстрантите ги поддржаа, како што наведоа, „иранските сестри“ и носеа транспаренти на кои пишуваше „Иран: жени, живот и слобода“. Неколку активисти го запалија и иранското знаме.

Претходните денови се одржаа протести и во Буенос Аирес, Лондон, Берлин, Стокхолм, Ванкувер, а канадскиот премиер Џастин Трудо најави дека Канада ќе воведе санкции за припадниците на иранската морална полиција одговорни за смртта на Махса Амини.