Дека посетата на британскиот монарх е одложена, соопштија од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон. Претходно синдикатите повикаа на дополнителни протести и штрајкови за во вторник, следната недела, кога беше предвидено кралот Чарлс Трети да го посети Бордо
Протестите во Франција поради пензиската реформа на францускиот претседател Емануел Макрон продолжуваат и понатаму, а немирите кои одвреме-навреме ги пратат демонстрациите ширум земјата се причина да биде одложена посетата на британскиот крал Чарлс Трети на земјата.

Според новинските извештаи сообраќајот е забавен во повеќе области во Франција, а контингент камиони го блокираат пристапот до трговското пристаниште во Марсеј.
Последиците од вчерашните масовни демонстрации, во кои полицијата употреби и солзавец за разбивање на насилните демонстранти, сè уште се видливи на улиците на Париз.
Снабдувањето на главниот град на Франција со гориво од големата рафинерија во Нормандија, кое беше во прекин, продолжи денеска со интервенција на полицијата.
Во пресрет на продолжувањето на протестот, француската управа за цивилно воздухопловство побара откажување на третина од летовите во недела на аеродромот Орли во Париз, а петтина од летовите ќе бидат откажани в понеделник, пишува РСЕ.
Повеќе од 450 демонстранти беа уапсени во четвртокот за време на демонстрациите во Париз и други градови, на кои учествуваа повеќе од еден милион луѓе.

Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин во петокот објави дека 441 полицаец и припадници на жандармаријата се повредени во насилствата што следуваа по протестите.
Анкетите покажуваат дека повеќето Французи се противат на предложениот закон на Макрон за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, што според француските власти е неопходно за да се одржи системот.
Во средината на март француската премиерка Елизабет Бурн искористи специјална процедура за да го усвои предлог-законот за пензиите без гласање во парламентот.
Дека посетата на британскиот монарх е одложена, соопштија од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој денеска наутро разговарал со кралот, соопшти Елисејската палата, додавајќи дека државната посета ќе биде презакажана што е можно поскоро, „за неговото величество да биде пречекано во услови кои одговараат на нашите пријателски односи“, пренесува Би-би-си.
Претходно синдикатите повикаа на дополнителни протести и штрајкови за во вторник, следната недела, кога беше предвидено кралот Чарлс Трети да го посети Бордо.
Инаку, градското собрание во југозападниот француски град Бордо синоќа беше запалено од страна на демонстрантите кои излегоа на деветтиот по ред масовен протест од почетокот на годината откако францускиот претседател Емануел Макрон најави воведување на пензиската реформа. Во пожарот е уништена влезната врата на објектот.
Градоначалникот на Бордо, Пјер Хурмик, денеска изјави дека му е тешко да ги разбере таквите вандалски чинови.
Протестите во Франција добија поддршка и надвор од земјата, конкретно во Грција, каде што стотици демонстранти се собраа пред француската амбасада во Атина во четвртокот за да покажат солидарност.
Дополнително францускиот претседател предизвика и скандал за време на телевизиско интервју во кое говорел за пензиските реформи.
Францускиот претседател, зборувајќи за оние што примаат социјална помош и ја злоупотребуваат, сосема несвесно ја подигнал својата рака и го покажал часовникот за кој некои тврдат дека чини 80 000 евра.
На видеото може да се види дека Макрон ненадејно ја спушта раката под маса среде полемиката, а се гледа како го симнува часовникот дискретно ставајќи го до себе од левата страна за да не се види на камерата, а потоа ја продолжува расправијата, само овој пат без часовникот на раката.