„Сигурно ова не е генерирано од проста желба да го подобрат нивниот социјален статус, има и политичка заднина. Денеска во 14 часот имаме средба и сето ова ќе им го кажам и на нив независно од притисокот што може да го направат во јавноста. Реалноста е таа. Зошто не се задоволни кога правиме компарација со 2017 година која е драстична. Зошто баш сега се иницираат нивните барања, тоа е многу индикативно“, вели Демири

Министерот за здравство Илир Демири ги поддржува барањата на приватните специјализанти за зголемување на надоместокот што го земаат месечно, како и за тоа дека треба да добијат здравствено осигурување, но сепак од нив бара трпение да поминат изборите, па потоа да ги решаваат проблемите.
Тој вели дека по 8 мај ќе се избори да има ребаланс во буџетот и нивните примања да се изедначат со примањата на другите специјализанти, кои се вработени во јавните здравствени установи и, како што рече, според него ова е коректно.
Според Демири, зад штрајкот што денеска го започнаа приватните специјализанти има и политичка заднина.
„Сигурно ова не е генерирано од проста желба да го подобрат нивниот социјален статус, има и политичка заднина. Денеска во 14 часот имаме средба и сето ова ќе им го кажам и на нив независно од притисокот што може да го направат во јавноста. Реалноста е таа. Зошто не се задоволни кога правиме компарација со 2017 година која е драстична. Зошто баш сега се иницираат нивните барања, тоа е многу индикативно“,
рече Демири на денешната прес-конференција на која беше објавено дека ќе се воведат деветвалентни ХПВ-вакцини.
Министерот додаде и дека нивните примања за три месеци се доволни за да ја платат ратата за специјализација без да ги вклучат примањата кои ги земаат како надоместок за дежурствата.
Демири на прес-конференцијата рече и дека на претходната средба што ја имал со приватните специјализанти направиле споредба со тоа каква била нивната позиција пред 2017 година и сега.
„Ова е многу важно. Направивме една компарација во претходниот заеднички разговор со нив, каква беше нивната позиција, на ваквите специјализанти, пред 2017 година и каква е сега. Има една голема разлика. Оти, до 2017 година, тие не примаа никакви примања. Не велам дека сегашните нивни примања се доволни. Јас сакам да бидат како и на специјализантите вработени во јавни здравствени институции. Но, за тоа треба буџетирање што не може сега да се оствари пред изборите“,
рече Демири.
Околу 400 приватни специјализанти денеска излегоа на штрајк за кој најавуваат дека ќе трае се додека Министерството за здравство и Владата не им дадат писмени гаранции оти нивните барања ќе бидат исполнети по избори на 8 мај.
На штрајк се решиле затоа што Министерството за здравство, како што рекоа, нема слух за решавање на нивните проблеми. Приватните специјализанти велат дека по протестот на 27 март имале средба со министерот за здравство Илир Демири на која им било ветено дека барањата ќе им бидат изнесени на следната седница на Влада. Меѓутоа, како што велат тие, оттогаш до денеска поминале две седници на Влада и на ниту една од нив не биле претставени нивните барања и немаат никаков одговор.
Штрајкот, како што рекоа, значи дека воопшто нема да ги извршуваат нивните работни обврски, нема да се појавуваат на дежурства, да држат амбуланти, односно велат дека ќе има целосно бојкотирање на работниот процес.