Протестот, според досегашните медиумски извештаи, минува без поголеми инциденти. Истиот претходно не бил пријавен во полицијата, но оттаму посочиле дека ќе бидат присутни за да го зачуваат јавниот ред и мир

Во Загреб денеска попладне се одржува голем протест против ковид-потврдите и рестриктивните мерки за заштита од коронавирусот. Протестот започнал од две локации, од каде демонстрантите се упатиле кон плоштадот „Бане Јелачиќ“, каде според порталот „Индекс.хр“, се собрале околу 15 000 луѓе.
Како организатори на протестот се претставници на граѓанското здружение Иницијатива за правата и слободите, а поддршка добиле и од едно ултракатолично здружение.
Според извештаите во хрватските медиуми, засега не се забележани инциденти, освен напад на новинар од телевизијата РТЛ. Репортерот Горан Лактовиќ вклучувајќи се во живо соопшти дека бил нападнат од страна на демонстрантите. Добил удар во ребрата, а потоа и две шлаканици.
„За жал, дојде до физички напад на мене. Прво добив удар во ребрата, а потоа и две шлаканици од две лица од зад грб“,
рече новинарот во вклучувањето во живо, пренесе „Индекс.хр“.
Протестот, според досегашните медиумски извештаи, минува без поголеми инциденти. Истиот претходно не бил пријавен во полицијата, но оттаму посочиле дека ќе бидат присутни за да го зачуваат јавниот ред и мир.