Демонстрациите доаѓаат на денот кога Европската комисија и Европската централна банка се очекува да ги објават извештаите за конвергенција за усвојувањето на еврото во Бугарија
На денот кога Бугарија ја чека оценката на Европската комисија и Европската централна банка за усвојувањето на еврото, поддржувачите на партијата Преродба излегоа на софиските улици во одбрана на бугарскиот лев.

Граѓаните протестираат пред зградите на Народното собрание и Бугарската народна банка во Софија. Застанувајќи во одбрана на бугарскиот лев, демонстрантите побараа да се распише референдум на кој ќе се изјаснат дали еврото треба да стане официјална валута во Бугарија.
На протестот пред Бугарската народна банка се појави и лидерот на Преродба, Костадин Костадинов.
„Откако ќе ни ги земат парите, ќе ни ја земат и Бугарија, го потценуваат бугарскиот народ. Го сакаме нашиот лев“,
порача Костадинов од протестот пред Народната банка на Бугарија.
Протестите се мирни, но се одржуваат под големо полициско обезбедување. Демонстрации против воведувањето на еврото се одржаа и на 31 мај во Софија.
Инаку, Европската комисија и Европската централна банка денес се очекува да ги објават извештаите за конвергенција за усвојувањето на еврото во Бугарија. Се очекува тие да бидат позитивни, што значи дека земјата ќе може да ја усвои единствената валута на 1 јануари следната година и да стане 21. членка на еврозоната.