Учесниците на протестот, исто така, го изразија своето противење на затворањето на делови од градот поради, како што велат, „неодржливите Олимписки игри“, посочувајќи на зголемувањето на цените на становите и недостатокот на социјални простори во Милано

Околу 1 000 луѓе, организирани од студентски групи, денеска протестираа во Милано против присуството на агенти на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ) во Италија за време на Зимските олимписки игри (ЗОИ).
Собраните на чело на колоната носеа транспарент на кој пишуваше „Милано ве мрази“, а демонстрантите додека маршираа низ улиците на градот скандираа „ИЦЕ да си замине“.
Учесниците на протестот, исто така, го изразија своето противење на затворањето на делови од градот поради, како што велат, „неодржливите Олимписки игри“, посочувајќи на зголемувањето на цените на становите и недостатокот на социјални простори во Милано.
Пјетро Вилхелм Малмшајмер од ломбардискиот огранок на студентската група „УДС“ (UdS) рече дека е неприфатливо и неоправдано присуството на странска полициска сила обвинета за расизам и убиство да се смета за легитимна во суверена држава.
Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози вели дека нема причина за загриженост, бидејќи претставниците на ИЦЕ нема да имаат оперативна улога во Италија.
Организаторите на ЗОИ наведуваат дека ИЦЕ нема да спроведуваат полициски операции на италијанска територија, а полицајците ќе бидат ангажирани само во аналитичка работа и размена на информации со италијанските власти за време на игрите.
Италијанските власти наредија затворање на училиштата во центарот на Милано и го ограничија пристапот до одредени области на градот со цел да се зголеми безбедноста околу церемонијата и да се намали сообраќајниот метеж.
