Албанскиот огранок на движењето Самоопределување вчера одржа протест против српскиот музичар Горан Бреговиќ, кој треба да одржи концерт во рамките на фестивалот на пивото (Пивофест), кој се одржува во албанскиот град Корча, објави приштинскиот портал „Газета експрес“.
Голем транспарент со натпис „Бреговиќ поддржувач на геноцидот“ беше закачен од активистите на Самоопределување на фасадата на катна зграда на главниот плоштад во Корча. Во соопштението издадено од албанскиот огранок на Самоопределување се наведува дека акцијата е организирана во знак на солидарност со 20 здруженија што ги претставуваат семејствата на исчезнатите за време на војната во Косово, кои побараа од Општината Корча да го откаже концертот на Бреговиќ.
Најавениот настап на српскиот музичар предизвика реакции во Косово и Албанија, според кои Бреговиќ никогаш не го кренал гласот против апартхејдот на Слободан Милошевиќ на Косово во 1990-тите, а како што велат, дури и организирал концерт против интервенцијата на НАТО во Србија во 1999 година. И покрај акциите, локалните власти во Корча рекоа дека фестивалот на пивото ќе се одржи според планот и се очекува да присуствува и Бреговиќ, како што претходно беше најавено.
Претходно месецов исто така беше организиран протест против присуството на Бреговиќ на Пивофест во Корча, меѓутоа тогаш се одѕваа само тројца на повикот на поранешниот пратеник Кујтим Гjузи, кои прошетаа со транспарент на кој пишуваше: „Горан Бреговиќ не е добредојден на фестивалот на пивото ако не се извини“.