Пензионери од неколку градови денеска излегоа на протест барајќи линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите
Прилепските пензионери ги продолжуваат протестите во центарот на градот пред Здружението на пензионерите. Тие не отстапуваат од барањето за линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите. Тоа за нив би значело достоинственост, особено за сите со ниски примања.

„Ние остануваме на нашето барање за линеарно зголемување на пензиите од по 3 500 денари. Велат дека не било можно, ама имаше линеарно за време на здравствената и економска криза од по 1 000 денари. Немаме против никого, ама не може да се живее на недостоинствен и сиромашен начин“,
вели Верче Јанческа, пензионерка.
Пензионерите се револтирани зашто немаат поддршка од раководството на прилепското здружение на пензионерите и бараат негова смена.
Пензионерите денеска собираа и потписи кои заедно со барањето за линеарно зголемување на пензиите ќе го достават до претседателството на Здружението на пензионери на Македонија, до Владата и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Покрај во Прилеп, денеска со истите барања протестираа и пензионери во Тетово и Свети Николе, а минатата недела имаше протести во Штип, Кочани, Куманово и Велес.
За барањето за линеарно усогласување на пензиите денеска свој став соопшти и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија (СЗПМ). Оттаму велат дека линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји.
Во однос на протестите на пензионерите со ниски пензии, извршниот одбор на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија на денешната седница заклучил дека во континуитет ги следат и ниските пензии и сите прашања во врска со правата на пензионерите. Но велат дека овие прашања ги решаваат по институционален пат со давање иницијативи, предлози и мислења до надлежните органи во државата.
„Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 проценти од први март 2023 година и очекувано услогласување од околу шест проценти од први септември, вкупното усогласување во 2023 година ќе изнесува околу 15 проценти, групи на незадоволни пензионери бараат поголемо усогласување на ниските пензии односно линеарно услогласување на сите пензии. Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензијаи и затоа подготви предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика“,
се наведува во соопштението од СЗПМ.
СЗПМ смета дека предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикаат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ.