Сакаме да демонстрираме за да покажеме дека Ле Пен воопшто не ја сакаме, но не го сакаме ниту Макрон, изјави една учесничка на протестите

По објавувањето на резултати од претседателските избори, неколку стотици демонстранти синоќа излегоа на улиците во француските градови за да протестираат. Во некои градови, како Париз и Рен, беа забележани и инциденти, а полицијата користеше и солзавец за да ги растера демонстрантите.
Во центарот на Париз, 250 до 300 демонстранти протестираа со извици и против реизбраниот претседател Емануел Макрон и против неговата ривалка Марин Ле Пен.
„Оди си Макрон“, „Марин Ле Пен, одвратно е“, беа дел од паролите кои тие ги скандираа. Беа превртувани канти за ѓубре, велосипеди, скутери… Статуата на Републиката беше испишана со графити како „Светот гори“.

Околу 250 луѓе демонстрираа и во Рен собрани под слоганот „Она што нема да го поминеме низ гласачките кутии, ќе го добиеме преку улица“. Демонстрантите во Рен запалија неколку канти за ѓубре, принудувајќи ги пожарникарите да интервенираат три пати.
„Сакаме да демонстрираме за да покажеме дека Ле Пен воопшто не ја сакаме, но не го сакаме ниту Макрон“,
изјави една учесничка на протестите.
Во центарот на Нант исто така се протестираше со транспарент „Потреба од револуција“, а во Тулуз слоганот на демонстрантите беше „Ниту Макрон, ниту Ле Пен. Револуција“.