Протестот почна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред Владата
Попладнево во Скопје во организација на Иницијативата „Зелен хуман град“ се одржува протестен марш против аерозагадувањето. Од Иницијативата бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните.
Протестот почна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред Владата.
Организаторите на маршот соопштија дека протестот се организира бидејќи секоја година од 3 828 до 5 000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички ПM 2,5. Ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност во државата.
Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух, беше посочено на маршот.