Групата демонстранти, кои протестираат против пресудата за случајот „Монструм“, во моментов се пред Владата каде што дел од организаторите и учесниците во протестот држат говори.
Меѓу оние што досега се обратија беше и организаторот Бедри Ајдари, кој е член на едно од семејствата на осудените.

По претходните насилства на протестите за кои имаше обвиненија и првостепени пресуди со затворски казни, на почетокот на денешниот протест организаторите повикаа на мирни демонстрации.

Демонстрантите го започнаа протестниот марш од паркот во Чаир, а подоцна им се приклучи и друга група демонстранти.

По обраќањата пред Владата, која е крајна дестинација, се очекува протестот да заврши.
Уште пред почетокот на протестот околу владината зграда можеше да се забележи силно полициско обезбедување.


Во случајот „Монструм“ со првостепената пресуда, која Основниот кривичен суд во Скопје ја изрече на 23 февруари, на доживотен затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.
Ова беше второ судење за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, со оглед дека претходната пресуда со која сите шест лица беа осудени на доживотен затвор беше укината од Врховниот суд.
