Протестот започна со спонтан собир во центарот на Сараево, но набрзо прерасна во масовна блокада на главната сообраќајница во градот. Демонстрантите бараат конкретни реформи во јавниот превоз и одговорност од сите институции одговорни за безбедноста на трамвајскиот систем
Илјадници граѓани, меѓу кои голем број студенти, денеска се собраа во центарот на Сараево, два дена по тешката трамвајска несреќа во која загина 23-годишно момче. По собирот, демонстрантите излегоа на главната улица, целосно ја блокираа и се упатија кон зградата на Владата на Кантонот Сараево, барајќи одговорност од властите и итни мерки за зголемување на безбедноста во јавниот превоз.

Протестот започна со спонтан собир во центарот на Сараево, но набрзо прерасна во масовна блокада на главната сообраќајница во градот. Присутните ги повикаа возачите, кои останаа заглавени во своите автомобили поради блокадите, да излезат од возилата и да се приклучат на спонтаниот собир.
Демонстрантите бараат конкретни реформи во јавниот превоз и одговорност од сите институции одговорни за безбедноста на трамвајскиот систем.
Несреќата се случи во четвртокот кога трамвај излета од шините во центарот на Сараево, удирајќи патничко возило, метален столб и заштитна ограда на трамвајската станица. Во несреќата загина 23-годишно момче кое во моментот се наоѓало на станицата, а повредени се четири други лица.
Возачот на трамвајот е уапсен под сомнение за сторено кривично дело против безбедноста во јавниот превоз.
Владата на Кантонот Сараево го прогласи 14 февруари за Ден на жалост.
