Кулаков, од пред скопскиот Кривичен суд, обвини дека правосудниот систем произведува неправди, што ги погодува родителите и блиските на сите настрадани

Неколку десетици граѓани попладнево со транспаренти и со фотографија од Фросина Кулакова одржаа протест кој почна од местото на булеварот „Партизански одреди“, каде таа беше смртно прегазена, и заврши пред Основниот кривичен суд во Скопје.
Протестот, кој го предводеа од семејството на Фросина, следува по вчерашното изрекување на казната 12 години затвор за Васил Јованов, кој призна вина дека ја прегазил 22-годишната девојка.
Семејството на Фросина, како и насобраните на протестот, не се согласуваат со висината на казната што беше изречена бидејќи претходно бараа на Јованов да му биде изречена максималната предвидена санкција од 20 години затвор. Семејството Кулакови не се согласува и со тоа што Врховниот суд ја укинал пресудата на скопска Апелација, со која Васил Јованов беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици.
„Во моментов имаме силен сомнеж дека се случува еден цел правен инженеринг, нормално тешко криминален. Сега и Врховен суд некој го вклучува во сценариото и излегува со крајно сомнителен термин, го враќа предметот на Васо за дилерство со дрога повторно на Апелација и тоа од чисто формални причини. Ќе бараме одговорност од сите кои се дел од оваа нова судска афера само да се намали казната на убиецот Васо. Очигледна е намерата со игра на датуми да се створи правна конфузија во целата оваа игра што ни ја прават. Сега одбраната ќе бара на Апелација да му се намали казната, бидејќи како отежителна околност во Судот беше тоа што фактички тој бил дилер на дрога“,
изјави Тодор Кулаков, татко на Фросина.
Кулаков, од пред скопскиот Кривичен суд, обвини дека правосудниот систем произведува неправди, што ги погодува родителите и блиските на сите настрадани.
„Тешко да го речеме правосуден бидејќи во самиот корен на зборот е во колизија со она што значи, прави и произведува. Произведува длабоки неправди, произведува голема дехуманизација на целото општество и произведува и стимулира нови и нови Васовци“,
рече Кулаков.

Кулаков од Судскиот совет побара отчетност и транспарентност, како и да покрене дисциплинска постапка за да се утврди дали постоело непрофесионално и пристрасно постапување на судијката Снежана Марковска од Кривичниот суд.
Исто така, тој побара Судскиот совет преку соопштение да одговори на нивните прашања кои се однесуваат на тоа дали судот постапувал согласно законот.
На денешниот протест се приклучија и семејства кои на сличен начин имаат загубено близок член.
Вчера, во Основниот кривичен суд Скопје беше изречена казната 12 години затвор за Васил Јованов за прегазувањето на Кулакова во сообраќајката што се случи на крајот на јануари годинава во Скопје.