Синдикалците од Клиничкиот центар, меѓу другото, на протестот посочија и на проблемот со одлив на медицински кадар од земјава. Во последните од три до пет години, како што велат, од земјава си заминале пет до шест илјади медицински сестри, а само во последните три години државава ја напуштиле околу 2 200 лекари
Незадоволни од задоцнетите плати поради неодамнешниот колапс на системот на Фондот за здравствено осигурување, но и со барање за покачување на платите и нивно усогласување со минималецот, денеска здравствените работници ја искористија работната пауза и протестираа пред Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ во Скопје.
Членовите од Синдикатот на Клиничкиот центар порачаа дека овој протест е израз на незадоволство оти за три години платите на здравствените работници биле покачени за само пет отсто.
„За една година од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра. Еден искусен технички персонал со подолг стаж ќе зема поголема плата од медицинска сестра. Да не бидам погрешно разбрана, дефицитот не е само во здравствените работници туку и во другите профили“,
изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.

На протестот на здравствените работници беше нагласено и дека предлог-законот за плати во јавниот сектор може да значи намалување или укинување на правата на работниците согласно колективните договори.
Синдикалците од Клиничкиот центар, меѓу другото, на протестот посочија и на проблемот со одлив на медицински кадар од земјава. Во последните од три до пет години, како што велат, од земјава си заминале пет до шест илјади медицински сестри, а само во последните три години државава ја напуштиле околу 2 200 лекари.
Освен во Скопје, протести на здравствените работници истовремено се одржаа и во други градови низ државата.