Кешиковски најави дека в петок вработените во овие три фирми заедно со Синдикатот на СУТКОЗ ќе донесат одлука за понатамошниот тек на протестите поради неисплатената септемвриска плата и поради неисплатени јубилејни награди, регрес за годишен одмор и останати додатоци на плати
Вработените на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и на фирмите ќерки „Флораком“ и „Луна“ веќе втор ден протестираат поради неисплатената септемвриска плата. Незадоволството го изразуваат со блокирање на двата влеза на претпријатието, секој ден од 9 до 11 часот.

Стојанче Кашиковски, претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија (СУТКОЗ) изјави дека како единствен репрезентативен синдикат и со синдикалната организација на „Паркови и зеленило“ во повеќе наврати се обиделе да стапат во контакт со раководството на претпријатието.
„За жал, не наидовме на одзив од другата страна. Доколку во текот на денешниот ден не се исплати платата за септември, за која има законски рок до 15 октомври, вработените ќе продолжат со изразување на своето незадоволство со блокирање на двата влеза на претпријатието до петок од 9 до 11 часот“,
реќе тој.
Според него, доколку и до петок не се исплати платата, вработените се подготвени на радикализација на своите протести со блокирање на булеварите и крстосниците во Град Скопје.
Најави дека в петок вработените во овие три фирми заедно со Синдикатот на СУТКОЗ ќе донесат одлука за понатамошниот тек на протестите поради неисплатената септемвриска плата и поради неисплатени јубилејни награди, регрес за годишен одмор и останати додатоци на плати.
„Сегашното финансирање на ‘Паркови и зеленило’ е неодржливо. Очекуваме новото раководство на Град Скопје, веднаш по завршување на изборите, да одржат средба на која ќе ги изнесеме нашите размисли, поучени од искуството од финансисрање на вакви и слични претпријатија во регионот“,
кажа тој.
Основната дејност на „Паркови и зеленило“ се состои од два дела. Едниот е подигнување на ново зеленило, а другиот е одржување на постојното јавно зеленило на територијата на Град Скопје.
Како пример наведе дека во 2022 година, работниците од „Паркови и зеленило“ работеле на одржување на јавното зеленило во износ од 383 милиони денари, но преку сметките за вода, каде се наплаќа тој надомест за одржување на јавното зеленило, се наплатени околу 240 милиони денари. Се појавува недостиг за тоа што е сработено и тоа што како услуга го дале, а не успеале да наплатат околу 140 милиони денари.
„Сметаме дека е можно да се изнајде нов начин на финансирање“,
вели тој.
На почетокот на месецот, вработените во „Флораком“ и во „Луна“, кои се фирми ќерки на „Паркови и зеленило“, протестираа неколку дена поради неисплатената августовска плата.