Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски, се надева дека денеска на владината седница ќе преовлада разумот и ќе се покаже слух и волја за 190-те вработени во секторот култура

Вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм очекуваат дека Владата на денешната седница ќе гo разгледа нивното барање за зголемување на месечните примања. Вработените во Министерството за култура и на денешниот протест што го организираат трета недела по ред, посочија дека постојат законски можности за решавање на прашањето на вработените во Министерството за култура.
Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски, се надева дека денеска на владината седница ќе преовлада разумот и ќе се покаже слух и волја за 190-те вработени во секторот култура.
„Овие денови во повеќе наврати го изразивме нашето незадоволство и го упативме барањето за одобрување согласност за потпишување колективен договор до Министерството за финансии. Каков парадокс, на вработените во неколку државни институции им се ограничува колективното дејствување и остварувањето на уставно зaгарантираното право на плата. Истовремено, се крши и уставното начело на еднаквост и рамноправност на сите вработени затоа што министерот за финансии едноставно цени дека неговите вработени заслужуваат поголеми примања за работата која ја вршат. И никој од надлежните не се спротивставува на оваа одлука на првиот финансиер туку, напротив, ја аминува“,
рече Костовски.
Според Костовски, одлуката на владината седница нема само да го манифестира односот кон вработените кои протестираат туку генерално кон културата која, како што рече, не треба само декларативно да биде темелна вредност во општеството.
Претставниците на Синдикатот на вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм минатата недела остварија средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, на која ги повторија своите барања за покачување на платите, но не изнајдоа заедничко решение.
Од Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура рекоа дека на средбата ги кажале своите барања, а тоа е потпишување на Колективен договор и покачување на платите по принципот на Министерството за финансии, односно да добијат зголемена плата во износ од 30 отсто.
Костовски најави дека ќе продолжат со протестите се додека не им се исполнат барањата.