Синдикалниот лидер Димовски ѝ порача на министерката дека моменталните плати со кои како што рече „не се преживува“ не се решение во никој случај
Ќе има општ колектривен договор кој ќе дава дополнителни права на работниците во јавниот сектор, меѓутоа не ад хок решенија кои не се системски решенија и не придонесуваат кон подобрување на правата на работниците, најави Тренчевска
Протестите на ССМ денеска продолжија пред Министерството за труд и социјална политика од каде го повторија барањето за линеарно покачување на платите за работниците од јавниот сектор за 2 806 денари.
„Денеска и се обраќаме на министерката да ги земе работите во свои раце, нас ни требаат фамилиите нас ни треба одмор, и ние работниците сме од крв и месо и сакаме и ние тоа право да го уживаме. Ова докажува дека 2 806 денари во моментот поради зголемената ангажираност кој го овозможува овој Закон за трговија се неопходни сега веднаш, затоа министерке ви се обраќаме на вас уште утре во Владата да го поддржите предлогот за линеарно зголемување за сите работници како и враќање на изгубеното право регрес во јавниот сектор“,
порача претседателот на ССМ Дарко Димовски.

По повиците од синдикалците, пред Министерството излезе и министерката Јованка Тренчевска која порача дека е подготвена за разговори и наоѓање заедничко решение.
„Ветивме дека ќе има подобрување на работничките права, ветивме дека ќе го започнеме социјалниот дијалог за носење на нов општ колективен договор и дека еднаш засегокаш ќе воспоставиме систем кој ќе гарантира постојан раст на платите на работниците во јавниот сектор. Ќе има општ колектривен договор кој ќе дава дополнителни права на работниците во јавниот сектор, меѓутоа не ад хок решенија кои не се системски решенија и не придонесуваат кон подобрување на правата на работниците“,
изјави Тренчевска.

Истакна дека нејзина цел е воспоставување систем на плати кој ќе гарантира постојано зголемување на платите на работниците во јавниот сектор.
„Ад хок решенија, популистички мерки, не носат трајно решавање на проблемот. Како министерка за труд и социјална политика сум насочена на систем кој ќе функционира и нема да зависи ниту од волјата на ниту еден систем или Владата, туку ќе биде воспоставен систем кој ќе дава трајно решавање на проблемот со платите во јавниот сектор. Само така можеме да зборуваме за вистинска посветеност на работниците, се друго е популистичко решение кое само во моментот ќе даде решение“,
истакна Тренчевска.

Димовски ѝ порача на министерката дека моменталните плати со кои како што рече „не се преживува“ не се решение во никој случај.
„Моментално решение со овие плати со кои не можеме да преживееме немаме. Затоа барам да не разбере министерката дека овие плати во моментот не ни се решение и не можеме да чекаме. Нас ни беше ветено 2 806 денари како едно, еве нека биде и ад хок решение, кое во моментот ќе ги амортизира овие ценовни шокови и оваа двоцифрена инфлација. Спремни сме за реформи, спремни сме за нова методологија, но платите мора да пораснат за 2 806 денари во износ, бидејќи времето не е на наша страна, ама не е ни на страна на Владата, бидејќи во септември согласно Законот за минимална плата треба истите да пораснат за 18,4 проценти“,
рече Димовски.
Од почетокот на генералниот штрајк, ССМ организира протести пред Собранието, пред Владата и блокираше булевари во Автокоманда. Главното барање е за линеарно покачување на платите во јавниот сектор за 2 806 денари.