Претставниците и членовите на Независниот синдикат на полицијата се жалат на напади врз службените лица, небезбедни услови за работа и мали плати
Итна промена на Законот за полиција, Законот за внатрешни работи, работни односи и Кривичниот законик побараа денеска полицајците кои излегоа на протест во Штип.
Велат, мотивирани се од крајно сериозната ситуација во полициската служба поради се почестите напади и закани на полицајци. Побараа минималната казна затвор за напад на полициски службеник да биде пет години.
Според претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев-Тодев, бројката на нападнати службеници во последниве месеци изнесува над 100.
„Бројката надмина повеќе од 100 повредени, нападнати полицајци. Пред десетина дена отпочнавме со симболичен бројчаник, кој за брзо време јавноста ќе го види пред Триумфалната капија, а со кој ќе се бројат нападнатите полицајци од лошите закони кои во моментов ги има Македонија, не заради полицајците, заради иднината на моите внуци, на вашите внуци и на цела држава. Законите мора да се приспособат на европските закони“,
рече претседателот на Независниот синдикат на полицијата.
Според Тихомир Ивков, претседател на Независниот синдикат на затворската полиција при КПД „Штип“, ризични услови за работа има и затворската полиција. Ивков вели, се палат возила на затворски полицајци, а нивните семејства трпат закани.
„Имаше напад на колеги при извршување претрес во просториите на КПД ‘Штип’. Имаме најмалку 10 повредени колеги. Се има случувано палење на возило на колеги, закани на колеги по фамилии, по деца. Моментално состојбата на полицајците е на некое најниско ниво. Немаме плати, платите ни се ниски. Во затворска полиција има и минимална плата. Работиме ризични работи, со доживотно осудени лица“,
рече Ивков.
Протестот во Штип се одвиваше од Градскиот стадион до Плоштадот „Слобода“. По првиот ваков протест, најавија уште неколку во источниот и западниот дел на државата, додека централен протест ќе се организира во Скопје.
