„Јас поставувам прашање до министерот Тошковски: Кој ги уби овие ангели? Кој им дозволи на демоните да ги убијат овие ангели? Исто и до премиерот Мицкоски. Зборуваме јавно и гласно, не сакаме тајни средби, кога ќе го добиеме одговорот ќе бидеме смирени“, рече мајка чија ќерка го загубила животот во трагедијата
Во молк погласен од каков било говор, родители и блиски на жртвите од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ денеска повторно ја поминаа истата маршрута на петтиот по ред протест во Кочани за да им порачаат на институциите дека очекуваат правда за своите чеда.

Пораките ги испратија преку високо кренати транспаренти и фотографии од своите најмили што ги носеа додека чекореа од Паркот на револуцијата до полицијата, Обвинителството, Основниот суд во Кочани и повторно назад во Паркот.
„Маршот на ангелите“ почна во 16:05 часот, како симболично укажување на задоцнетата институционална реакција.
„Бараме правда“, „Инспекциите спиеле, децата не се разбудија, „Не чекај твоето дете да биде следно“, „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“, „Каде да фатиме врски да ги вратиме другарите“, пишуваше на дел од транспарентите што ги носеа тие.
Тие рекоа дека бараат независна истрага за ужасната трагедија која се случи на 16 март, а го изразија својот револт кон институциите за, како што рекоа, ненавременото постапување.
„Јас од тој ден сум само физички жив, како фигура, внатре сум мртов. За судиите и обвинителите, внимавајте како ќе судите. Ние ништо не бараме од вас за тоа како ќе судите, само сакаме по една година за секое мртво дете. Тоа се 62 деца или 62 години, да ве потсетам. И по половина година за секое настрадано дете“,
рече еден од родителите.

Учесник на „Маршот на ангелите“ во изјава за ТВ Телма кратко проговори за ситуацијата во Кочани по трагедијата велејќи дека таа е траорна и оти сите го чекаат исходот од судскиот процес.
На протестот беше упатена забелешка до дел од медиумите за фотографија со родител на починато дете за која била доделена награда.
„Како можете да објавите моја фотографија за ‘Татко на годината’ кога од 16 март до денеска јас веќе не сум татко и нема никогаш да бидам татко, затоа што ми го убија единствениот син. Мене веќе никој не ме нарекува татко, а не можам ни да бидам татко на 60-годишна возраст поради нашите убијци“,
рече таткото чиј син загинал во пожарот.
Инаку, семејствата на младите што трагично ги загубија животите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ ја одбија поканата за средба со премиерот Христијан Мицкоски, која беше закажана за 13 мај во Скопје. Во соопштение до медиумите тие појаснија дека поканата од Владата пристигнала доцна и потсетија дека уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани бидејќи дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата.
„Сметавме дека предлогот за средба во Кочани е разумен и оправдан, особено затоа што дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата“,
се наведува во писмото од семејствата.
Тие истакнуваат дека нивниот став не е целосен консензус, туку одраз на мислењето на мнозинството меѓу нив.
Дел од присутните на денешниот протест упатија прашања до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и до премиерот Христијан Мицкоски.
„Јас поставувам прашање до министерот Тошковски: Кој ги уби овие ангели? Кој дозволи на демоните да ги убијат овие ангели? Исто и до премиерот Мицкоски. Зборуваме јавно и гласно, не сакаме тајни средби, кога ќе го добиеме одгoворот ќе бидеме смирени“,
рече мајка чиja ќерка починала во трагедијата.

Министерот за внатрешни работи денеска одговарајќи на новинарско прашање во Штип рече дека се преземаат активности по насоки на Јавното обвинителство и колку што е информиран во моментов се сослушуваат одреден број на сведоци коишто се поврзани со кривично-правниот настан.
„Во овој момент истрагата се уште трае се собираат докази, се постапува по насока на Јавното обвинителство, штом има нови моменти јавноста од страна на Јавното обвинителство ќе биде запознаена за сите оние чекори коишто ќе следат во иднина“,
рече Тошковски.
Државниот јавен обвинител Љупко Коцевски неодамна изјави дека истрагата ќе заврши во законски предвидениот рок од 90 дена, односно до 16 до 17 јуни. Во постапката за случајот според министерот за внатрешни работи досега има 70 осомничени лица.