Министерот за надворешни работи Бујар Османи повика на внимателност при поврзувањето на одредени иницијативи со одредени држави
Европската и евроатлантската интеграција на регионот на Западен Балкан е решението, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша.
Министерот за надворешни работи повика на внимателност при поврзувањето на одредени иницијативи со одредени држави.
„Пред се, кога немаме факти или докази за тоа. Мислам дека и премиерот Јанша и сите словенечки претставници ја отфрлија нивната поврзаност, односно нивното авторството во врска со овој нон-пејпер. Знаете, во надворешната политика шпекулациите може да ги чинат скапо меѓународните односи и затоа треба да бидеме многу внимателни кога немаме никакви потврди или докази дека една иницијатива е поврзана со одредена држава“,
рече Османи.

Тој ги коментираше и вчерашните тврдења на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервју за Канал 5, рече дека разговарал со Јанша и оти тој му пренел дека таков документ нема, но дека му кажал дека Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале сличен таков нон – пејпер кој што се шири по Европа и наведе дека можеби тој документ ќе им биде познат на граѓаните на Македонија во многу скоро време.
„И вовлекувањето и од страна на лидерот на опозицијата на премиер на пријателска земја, на ваков нон – пејпер без автор, во внатрешната политичка дебата, е најмалку несмасно и може да го наруши и имиџот на земјата, меѓутоа и пријателските односи коишто ги имаме и со Словенија па и со другите држави. Затоа треба да бидеме многу внимателни по однос на овие прашања бидејќи, да се повторам уште еднаш, во надворешната политика шпекулациите можат да ги чинат скапо односите помеѓу државите во меѓународните односи воопшто“,
рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, со интензивирање на дебатата за затворање на големите прашања во регионот ќе се појавуваат различни шпекулации, при што дел се со добра намера, дел со лоша намера, дел се автентични, а дел неавтентични.
„Имаше различни обиди и модели како да се доведе до траен мир, помирување и прогрес. Мој став е дека два модела се покажаа како најуспешни во регионот. На државно ниво тоа е Охридскиот договор, на регионално ниво е евроатлантската перспектива, која што не доведе во ситуција, за две децении, од регион во којшто имаше конфликти, војни, пред неколку месеци во Софија да потпишеме Договор за заеднички пазар меѓу земјите од Западен Балкан“,
вели шефот на дипломатијата.
Според него, она што е важно е да продолжи проширувањето на НАТО во регионот и јасната перспектива за интеграција во ЕУ, бидејќи само тоа ќе ги неутрализира сите алтернативни обиди коишто треба да се очекуваат во наредниот период.