„Проширувањето е клучен приоритет на Комисијата и тоа го повторувавме изминатите години, за што дававме и докази во текот на првиот мандат на Европската комисија, а секако ќе продолжиме да го сметаме како приоритет и во вториот мандат. Тоа е нешто што го најави и самата претседателка Фон дер Лајен“, вели заменичката на главниот портпарол на ЕК

Со денешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон фер Лајен, на Тирана започнува нејзината турнеја низ западнобалканските држави на која таа ќе има билатерални средби со нејзините домаќини.
Како што соопштуваат од Европската комисија, за време на турнејата Фон дер Лајен ќе се сретне со лидерите на шесте земји од регионот. Главна тема на разговор, како што информира заменичката на главниот портпарол на ЕК, Аријана Подеста, ќе биде напредокот на земјите од Западниот Балкон на европскиот пат и шест милиони вредниот План за раст на регионот.
„Тоа е можност да се разговара за напредокот на Западен Балкан на патот кон ЕУ, како и за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Ова е клучна тема за која претседателот ќе разговара со различни лидери и на оваа средба. Не би имала повеќе елементи да додадам за тоа што ќе бидат билатералните разговори“,
рече Подеста на брифинг со новинарите во Брисел.
Подеста одговорот го даде на новинарско прашање кои ќе бидат главните теми на разговор на Фон дер Лајен и дали оваа посета, неколку месеци по добивањето на вториот мандат, е потврден сигнал дека проширувањето е приоритет за ЕУ.
„Проширувањето е клучен приоритет на Комисијата и тоа го повторувавме изминатите годините, за што дававме и докази во текот на првиот мандат на Европската комисија, а секако ќе продолжиме да го сметаме како приоритет и во вториот мандат. Тоа е нешто што го најави и самата претседателка Фон дер Лајен“,
рече Подеста.
Четиридневната турнеја на Фон дер Лајен низ земјите од Западниот Балкан почнува со нејзина посета на Тирана, каде што попладнево ќе има средба со албанскиот премиер Еди Рама и ќе се обрати на свеченоста по повод стартот на академската година на тиранскиот Колеџ на Европа. Утре, Фон дер Лајен е предвидено да има средба и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Од Тирана, Фон дер Лајен утре ќе допатува во Скопје на средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски, по што попладнето ќе отпатува за босанскиот град Јабланица, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави.
Фон дер Лајен во Скопје предвидено е да пристине во 11.30, часот кога ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, а потоа ќе има и билатерална средба на двете делегации.
Поради посетата на Фон дер Лајен, СВР Скопје информира дека во главниот град ќе има посебен сообраќаен режим по сообраќајниците во поширокото централно подрачје.
В петок претпладне Фон дер Лајен во Сараево ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, по што ќе замине за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Милош Вучевиќ.
В сабота таа ќе престојува во Приштина, каде што ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, по што ќе отпатува за Подгорица на средби со шефот на црногорската држава, Јаков Милатовиќ, и со премиерот Милојко Спајиќ.
Овонеделната посета на Фон дер Лајен доаѓа по онаа од пред една година кога во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан. Во меѓувреме, таа во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратешки форум на почетокот на септември.
На овие средби Фон дер Лајен го истакнуваше значењето на регионот за Европската Унија и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од Западниот Балкан во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата.
Денеска, Европската комисија (ЕК) и официјално ја одобри реформската агенда на С Македонија, што е значителен исчекор на земјата во процесот на интеграција во Европската Унија.
Коментирајќи ја одлуката, од Министерството за европски прашања оценуваат оти ЕК ја препознала релевантноста на реформските планови, особено во поглед на забрзувањето во усогласувањето со законите, вредностите и стандардите на ЕУ.
Оттаму посочуваат оти реформската агенда е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година и е фокусирана на социо-економски реформи и фундаментални области како владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата.
