Коментирајќи го денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со блокада на зградата на Собранието, Ристески рече дека наместо да се занимаваат со политиканство, синдикатите треба да направат анализа како би влијаела минималната плата од 600 евра која ја бараат на домашната економија
Просечната потрошувачка кошничка ќе биде најмалку 10 отсто пониска во однос на синдикалната, а од неа се исклучени цигарите, тутунот, алкохолот и станарината, рече денеска во гостување на ТВ Сител заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и посочи дека таа е изготвена уште минатата година, но сè уште се чека одговор од синдикатите и работодавачите, да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии што можеби би требало да се вградат во неа.

Според него, синдикатите ја пресметувале синдикалната кошничка врз основа на цените од еден или два маркета, ги зеле предвид и сезонските овошја и зеленчук што не се карактеристични за соодветните периоди, а ја калкулирале и киријата.
Притоа, како што додаде, податоците не се однесувале за цел месец, туку кошничката се пресметувала на 20 во месецот. Тоа го правеле, додаде, за да вршат синдикален притисок во јавноста врз Владата за зголемување на платите.
„Потрошувачката кошничка е изготвена уште минатата година, а на 30 јули на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ја дадовме на увид на синдикатите и на работодавачите. Сè уште очекуваме одговори од нив, еве повеќе од шест месеци да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии што би требало да се вградат. Кога ќе го направат тоа, ќе ја поставиме на ЕСС и ќе почнеме да ја пресметуваме“.
рече тој.
Посочи дека разликата меѓу просечната потрошувачка кошничка и синдикалната ќе биде повеќе од 10 отсто.
Параметрите за пресметка, како што рече, се земени од Државниот завод за статистика врз база на шест синџири на маркети на национално ниво, два регионални маркета, зелени пазари од различни региони и Земјоделски пазарен информативен систем.
„Се изработува врз основа на два дела. Првиот е храна и безалкохолни пијалаци, а вториот е услуги и други потреби за едно просечно четиричлено семејство. Сите овие релевантни податоци даваат реална слика за просечните потреби на едно семејство. Оваа кошничка ги има исклучено акцизните стоки како цигарите, тутунот, алкохолот, како луксузни, но и станарината зашто и според Пописот, во 2021 година, 90 отсто од населението не плаќа кирија“,
вели заменик-министерот за економија и труд.
Оваа потрошувачка кошничка додаде дека нема да биде конкурент на синдикалната, зашто синдикатите секако имаат право да ги бараат своите права.
Коментирајќи го денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) со блокада на зградата на Собранието, Ристески рече дека наместо да се занимаваат со политикантство, синдикатите треба да направат анализа како би влијаела минималната плата од 600 евра која ја бараат на домашната економија.
„Дали ќе предизвика затворање на малите, микро и средните претпријатија кои едвај преживуваат од први до први, дали ќе влијае врз цените на крајните производи, дали ќе предизвика зголемување на инфлацијата или ќе има некои други последици врз домашната економија“,
рече тој.
Според него, барањата за зголемување на минималната плата мора да се базираат на реални економски параметри што нема да предизвикаат никакви турбуленции во домашната економија.
Ристески смета дека Владата покажала капацитет за социјален дијалог и го заокружила процесот на зголемување на платите во јавната администрација.
