Нема договор за формирање коалиција меѓу Алијанса за Албанците, Движењето Беса и Алтернатива. Опозициските партии на Албанците нема како фронт да и се спротистават на владејачката ДУИ.
„Проценка е дека во случај трите партии да одиме заедно, тоа нема да биде победничка варијанта. Според сондажите, поради расколот меѓу Беса и Алтернатива, членството на едната или другата партија нема да гласа за ваква коалиција. Прашањето за тројна коалиција е затворено. Сигурно е дека ќе има коалиција од две партии. Сега Алијансата е таа што ќе треба да реши со кого ќе настапи на изборите, со оглед дека и кај членовите на Беса и кај членовите и симпатизерите на Алтернатива постои расположение да бидат дел од таква коалиција“,
потврдуваат за „360 степени“ учесници во преговорите.
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари не сака да зборува за причина за непостигнувањето договор. Вели дека тоа е веќе завршена работа а партијата ќе процени со кого ќе соработува.
„Денеска или утре ќе се сретнеме уште еднаш со двете страни, а потоа нашето централно раководство ќе донесе одлука со која од овие две партија ќе прави предизборна коалиција“,
вели Арбен Таравари.
Тројната коалиција беше идеја на Алијансата на Албанците на Зијадин Села. Тој сметаше дека таа би била „формула“ за успех на предвремените избори и конечна промена на улогата на ДУИ во пост-рамковна Македонија.
На изборите во 2016-та година, за Движењето Беса (пред расколот и поделбата со Алтернатива) и Алијансата за Албанците се определија 93.989 избирачи додека ДУИ доби 6193 помалку гласови од нив.
Во оваа изборна математика треба да се вклучат и 30.964 гласови кои на изборите во 2016-та ги доби партијата на Мендух Тачи, ДПА. Тој најави самостен настап на изборите.