Во 18:40 новинарските екипи и присутните граѓани добија наредба да се оддалечат од безбедносни причини, а во близина на местото се поставуваа сајли за извлекување на автомобилот
Возилото „бе-ем-ве“ по кое се трагаше околу 24 часа во водите на Лепенец е пронајдено, објави ТВ „Телма“. Во тек се подготовки за негово извлекување, а од МВР не потврдуваат дали во возилото се пронајдени и таткото, мајката и малолетниот син од семејството Пацоли од Косово кои биле во автомобилот што по сообраќајна несреќа излета од патот Скопје-Блаце. Но, на местото на трагедијата пристигна и комбе на погребното претпријатие „Бутел”.

Багер го расчистува речното корито, а во близина на местото каде што е најден автомобилот е и противпожарно возило. Нуркачите дополнително потврдија дека автомобилот е најден откако цели 24 часа потрагата беше отежната поради надојдените води на Лепенец.
Во 18:40 новинарските екипи и присутните граѓани добија наредба да се оддалечат од безбедносни причини, а во близина на местото се поставуваа сајли за извлекување на автомобилот.
Сообраќајката се случи вчера попладне, а четиричленото семејство Пацоли со автомобил падна во реката по судир со возило со скопски таблички, кое ја претекнувало колоната во која бил и автомобилот „бе-ем-ве“ на Пацоли. 21-годишниот син успеал да се извлече од автомобилот и бил спасен од реката.
