Според обвинителката Виолета Милчовска, досегашните наоди од телото на момчето не укажуваат на знаци на насилство. Телото е предадено на обдукција, а се очекуваат и токсиколошките анализи за да се добие појасна слика за причините за смртта

Вчера околу 12 часот на влезот во Струмица, на локацијата позната како „Крива река“ зад складот за дрва на Шумското стопанство „Беласица“, е пронајдено безживотно тело на 19-годишниот М.А., матурант во едно од струмичките средни училишта.
Веста за пронајдениот матурант за МИА ја потврдуваат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струмица и СВР Струмица.
Според обвинителката Виолета Милчовска, досегашните наоди од телото на момчето не укажуваат на знаци на насилство. Телото е предадено на обдукција, а се очекуваат и токсиколошките анализи за да се добие појасна слика за причините за смртта.
Од СВР Струмица, исто така, потврдуваат дека вчера било пријавено оти на необработена нива во близина на Струмица е пронајдено безживотно тело на 19-годишно момче од Струмица. Лекар констатирал смрт, а увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител од ОЈО Струмица и екипа на СВР Струмица. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција.
Засега не се соопштуваат повеќе детали за смртта на момчето, ниту како тоа завршило на локацијата каде што било пронајдено.