Двете црни кутии на „боингот“ на индонезиската авиокомпанија, кој се сруши во морето во близина на главниот град Џакарта, се лоцирани и сега трае процедурата на нивно извлекување, објавија од Министерството за транспорт на Индонезија.
„Се надеваме дека извлекувањето нема да одземе многу време“,
рече Серџанто Џахџанто, дел од безбедносниот одбор на Министерството за транспорт.
„Боингот 737-500“ на индонезиската компанија „Сривиџаја Ер“ завчера исчезна на само неколку минути по полетувањето од аеродромот во Џакарта, а крајна дестинација му бил Понтијанак во провинцијата Западен Калимантан
Станува збор за „боинг 737-500“, стар 27 години, кој изгубил контрола само една минута откако полетал. Според веб-страницата за следење летови „Флајт радар“, авионот исчезнал откако се издигнал на надморска височина од околу 3 километри.
Авионот во кој имало околу 60 патници се урнал во морето, а засега не се знаат причините за несреќата. Пронаоѓањето на црните кутии ќе ја олесни истрагата и може да даде одговор на клучните прашања во врска со оваа несреќа.