Министерството за внатрешни работи информира дека синоќа биле пронајдени 13 лица мигранти од Сирија на автопатот Гевгелија–Скопје, во возило бe-eм-вe со скопски регистарски ознаки.
Како што информираат од МВР, ноќеска по полноќ полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица ги лишиле од слобода Д.Ј.(24) и Ѓ.Б.(21), двајцата од Богданци, бидејќи во возилото кое го управувал Д.Ј., а совозач бил Ѓ.Б., биле пронајдени 13 лица мигранти од Сирија.
Дополнуваат дека тие биле приведени во полициска станица, а мигрантите биле предадени во Прифатно-транзитниот центар Винојуг во Гевгелија. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.