Веб-страницата е дел од системот за рано предупредување на исчезнати деца во С Македонија. Ќе биде достапна на македонски, албански и ромски јазик, а на неа ќе може да се алармира за исчезнати деца со цел намалување на ризикот од исчезнување и забрзување на процесот на наоѓање на исчезнатите деца
Денеска официјално е промовирана и ставена во функција веб-страницата под името „Најди ме“, која е дел од системот за рано предупредување на исчезнати деца во С Македонија. Веб-страницата ќе биде достапна на македонски, албански и ромски јазик, а на неа ќе може да се алармира за исчезнати деца со цел намалување на ризикот од исчезнување и забрзување на процесот на наоѓање на исчезнатите деца.
Пилот-проектот за системот за рано предупредување на исчезнати деца, во чии рамки е и веб-страницата Најдиме.орг.мк, во период од година и половина го спроведуваше здружението „Новинари за човекови права“, а ќе функционира со помош на Министерството за внатрешни работи (МВР).

На денешната завршна конференција на пилот-проектот, меѓу другите, учествуваше и се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Рече дека нема дилема оти земјава треба да има систем за рано предупредување за исчезнати деца оценувајќи дека е добро што е направен првиот чекор во оваа насока.
Шаќири изрази надеж дека првичната верзија на системот ќе биде ефикасен и посочи дека во иднина треба се потребни заложби за негова континуирана надградба.

„Северна Македонија е земја која ја има ратификувано Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето и ставот по однос на ова прашање, меѓу другото, може да го зацврсти и токму со воспоставување и примена на ваква алатка“,
додаде Шаќири.
Министерот потенцира дека образовниот систем има важна улога во раното предупредување за исчезнати деца и додаде дека МОН го става на располагање сиот свој капацитет во развојот на овој систем.
На промоцијата на „Најди ме“ беше истакнато дека секој од секаде ќе може да пријави исчезнато лице, а оти пријавата првично нема да се гледа јавно. Во меѓувреме, лицата кои стојат зад веб-страницата ќе ги разгледаат податоците добиени за исчезнатото лице и ќе ги пријават во МВР, а по добиена повратна информација идентитетот на исчезнатото дете се објавува и официјално на веб-страницата.