Регионалниот водич „Откривајќи ја нејзината историја“ мапира и претставува значајни локации поврзани со женската историја во Скопје, Белград и Тирана, со цел да им се понуди на младите простор да истражуваат, да ја запознаат својата историја и да го афирмираат придонесот на жените во јавниот и општествениот живот, да се залагаат за нивна видливост во јавниот простор
По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, во Скопје се одржа промоцијата на Регионалниот феминистички туристички водич „Откривајќи ја нејзината историја“, проследена со промотивна тура низ неколку значајни локации од женската историја и културното наследство на градот. Настанот започна на Фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк, од каде што учесниците ја започнаа прошетката низ дел од локациите опфатени во Водичот слушајќи ги приказните за жените и нивниот значаен придонес во општествениот, културниот и историскиот развој на нашата држава.

Регионалниот водич „Откривајќи ја нејзината историја“ мапира и претставува значајни локации поврзани со женската историја во Скопје, Белград и Тирана, со цел да се понуди на младите простор да истражуваат, да ја запознаат својата историја и да го афирмираат придонесот на жените во јавниот и општествениот живот, да се залагаат за нивна видливост во јавниот простор. Водичот е резултат на истражувачка и креативна работа на млади луѓе од Северна Македонија, Србија и Албанија, кои во изминатиот период, преку низа работилници, менторски сесии и истражувања, ги идентификуваа и разработија приказните поврзани со значајни жени, историски настани и места од културното наследство на трите главни градови, информираат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА).
„Наша заедничка должност е да им оддадеме почит на овие жени и заедно со младите да создадеме видливи траги во јавниот простор кои ќе сведочат за нивното постоење и значење. Поставувањето меморијални обележја, информативни табли и други форми на јавно одбележување на локациите поврзани со женската историја претставува важен чекор кон препознавање и зачувување на ова наследство“,
истакна раководителката на младинската програма во ХЕРА, Драгана Каровска-Чемерска.
Во таа насока, младите кои работеа на Водичот ги повикаа институциите на локално и национално ниво да се заложат за систематско идентификување и обележување на локациите поврзани со женското културно наследство, како и за поддршка на создавање образовни и културни содржини за младите.
Во рамки на промотивната тура во Скопје беа посетени четири локации од Водичот: Фонтаната „Лотос“, меморијалниот парк и основата на неодамна украдената биста на народната хероина Вера Јоциќ, скулптурата „Пајонска свештеничка“ на пешачкиот мост „Око“ и Паркот „Жена борец“. На секоја од овие локации, младите автори на Водичот ги презентираа резултатите од своето истражување и ги споделија приказните за жените и историските процеси поврзани со овие места, потенцирајќи ја нивната улога во создавањето на културниот и општествениот идентитет на градот. Од меморијалниот парк на Вера Јоциќ, младите гласно упатија барање за обновување на споменикот и покажување одговорност и грижа од страна на институциите.
Промотивната тура во Скопје е дел од регионалната промоција и тура што се реализира од 6 до 10 март во Тирана, Скопје и Белград, со цел да се промовира феминистичкото културно наследство, регионалната соработка и активната улога на младите во неговото истражување, интерпретација и афирмација.
Настанот се организира во рамки на проектот „Откривајќи ја нејзината историја: Зајакнување на младите и зачувување на феминистичкото наследство“ (Uncovering HERstory: Empowering Youth and Preserving Feminist Heritage), имплементиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Center for Population Policies and Sustainable Development – IPPF Србија и ACPD Албанија, со поддршка од Европската асоцијација за локална демократија (ALDA), во рамки на програмата BOOST.
