Според статистичкиот извештај, во ноември годинава реалната стапка на прометот кај храната, пијалаците и тутунот бележи пораст од 6,5 отсто во споредба со истиот месец претходната година. Номинално, овој пораст изнесува 13,7 отсто

Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за ноември годинава, во однос на истиот месец лани, покажуваат пораст на прометот во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун.
Според статистичкиот извештај, во ноември годинава, реалната стапка на прометот кај храната, пијалаците и тутунот бележи пораст од 6,5 отсто во споредба со истиот месец претходната година. Номинално, овој пораст изнесува 13,7 отсто.
Статистиката забележува пораст и во други категории, со исклучок на енергенсите.
Прометот кај непрехранбените продукти, освен горивата, пораснал номинално за 5,6 отсто, додека реалниот раст изнесува 1,5 проценти.
Во соопштението од ДЗС се наведува дека трговијата на мало, без вклучени горива, бележи номинален раст од 9,5 проценти и реален раст од 3,9 отсто.
Секторот трговија на мало со автомобилски горива е со негативни бројки и тука е забележан реален пад од 5,7 проценти, односно номинален пад од 6,9 отсто.
