Во текот на ноќта кон сабота врнежите ќе се прошират во поголемиот дел од земјата и наместа се очекува да бидат пообилни со наврнати 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен ветер врнежите ќе преминуваат во снег и на повисоките и на некои пониски места
Времето во земјава денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер во јужен правец. Во попладневните часови се очекува продор на влажна воздушна маса која во западните делови ќе донесе врнежи од дожд на пониските места и од снег на планините, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во текот на ноќта кон сабота врнежите ќе се прошират во поголемиот дел од земјата и наместа се очекува да бидат пообилни со наврнати 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен ветер врнежите ќе преминуваат во снег и на повисоките и на некои пониски места. На планините, во сабота, снежната покривка ќе се зголеми, а помала снежна покривка ќе се формира и на некои од повисоките места.
Температурата денеска во утринските часови ќе се движи во интервал од минус шест до нула Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од четири до 13 степени.
Во Скопје времето, исто така, ќе биде променливо облачно, со појава на магла претпладне. Во вечерните часови ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта кон сабота на повисоките делови од котлината ќе преминат во снег. Ќе дува слаб јужен ветер, а во текот на ноќта повремено засилен ветер од северен правец.
Утринската температура во главниот град ќе се спушти до минус три, а дневната ќе достигне до максимални осум Целзиусови степени.
По врнежите од дожд и снег во сабота, синоптичарите во наредните денови прогнозираат стабилизирање на временска состојба, со студени утра и услови за појава на магла по котлините. Преку ден ќе преовладува сончево време, со мала до умерена локална облачност.