„Ние имаме три меѓусебно поврзани инструменти и многу јасен став на Националното собрание… Бугарија има многу јасна позиција пред целата Европска Унија. Ние сме земја членка и како такви со нашите барања до РСМ порачуваме дека кога сакаш да бидеш членка на Европската Унија мора да ги исполниш обврските што самиот си ги презел“, рекла Марија Габриел
Денеска, одговарајќи на новинарски прашања, коментар на изјавата на бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата даде вицепремиерот за европски прашања во македонската Влада, Бојан Маричиќ, според кого единствен услов за отворање на првиот кластер во преговарачкиот процес со ЕУ се уставните измени и оти тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, вели дека уставните измени не се единствениот услов за продолжувањето на патот на Северна Македонија кон Европската Унија, туку и почитувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола, пренесува БТА.

Ова било дел од одговорот на Габриел на седницата на собраниската комисија на бугарскиот парламент за прашања на Европската Унија, шенген-зоната и еврозоната, на прашањето што се случува со преговарачкиот процес на Република Северна Македонија за приклучување кон Европската Унија, дали земјата го почитува тоа што се бара од неа и каков е ставот на Бугарија.
„Ние имаме три меѓусебно поврзани инструменти и многу јасен став на Националното собрание“,
рекла бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата.
Таа посочила дека она што е важно за Бугарија е да го види напредокот во другите насоки, доколку има тешкотии со уставните измени.
Во таа насока, Габриел рекла дека се одржале два технички состаноци во јули во Софија и во октомври во Скопје, на кои е констатирано дека, за жал, нема напредок.
„Бугарија има многу јасна позиција пред целата Европска Унија. Ние сме земја членка и како такви со нашите барања до РСМ порачуваме дека кога сакаш да бидеш членка на Европската Унија мора да ги исполниш обврските што самиот си ги презел“,
била категорична Габриел, пренесува БТА.
Таа, како што пренесува Дојче веле на македонски јазик, уште на почетокот од одговорот потсетила на заклучоците од минатонеделниот самит ЕУ – Западен Балкан. По Самитот од челниците на Унијата, во консултација со лидерите на шесте земји од регионот, беше усвоена Декларација во која, меѓу другото, се нагласува потребата од спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Во овој дел се посочува дека земјите од Западниот Балкан е потребно да се посветат на регионалната соработка и јакнењето на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на Унијата.
„Спроведувањето на билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, останува значајно да се спроведат со добра волја и видливи резултати. Сѐ уште се неопходни одлучни дополнителни напори за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, а исто така и да се пронајдат и да се спроведат конечни, инклузивни и обврзувачки решенија во однос на регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото – во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи…“,
се вели во овој дел од Декларацијата.
Дополнително, ЕУ ги повикува партнерите „да ги гарантираат правата на припадниците на малцинства и нивниот рамноправен третман“.
Во таа насока, Габрриле навела дека Бугарија изразила многу јасна позиција пред целата Европска Унија и дека заштитата на малцинствата е критериум за почеток на преговори, на исто рамниште со критериумите за административна и судска реформа.
Потенцирајќи го прашањето за заштита на малцинствата како европски критериум за преговори и членство, таа нагласила дека Бугарија нема билатерален проблем со Северна Македонија, пренесува Дојче веле.
„Бугарија има интерес навистина да продолжува да биде поддржувач на европската перспектива на Западен Балкан. Да не забораваме дека темата постои во европскиот дневен ред, благодарение на бугарското претседателство во 2018 година. Тоа значи дека ние треба да си ја вратиме позицијата на лидер во регионот, и за да бидеме лидер ние треба изразуваме јасно заедничкиот европски интерес и тоа е она што се обидувам во овие шест месеци да го направам. Бугарија нема билатерален проблем со Република Северна Македонија. Бугарија во име на заедничкиот европски интерес му кажува на Скопје што значи да сакаш да бидеш членка на ЕУ“,
рекла Габриел.
Денеска, одговарајќи на новинарски прашања, коментар на изјавата на бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата даде вицепремиерот за европски прашања во македонската Влада, Бојан Маричиќ, според кого единствен услов за отворање на првиот кластер во преговарачкиот процес со ЕУ се уставните измени и оти тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет.
Таму, како што рече Маричиќ, се вели дека штом се направат уставните измени веднаш, без никакво натамошно одлагање и без нова политичка одлука, што е многу важно, ќе се одржи втората меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер.
Секоја друга изјава, рече тој, ја гледа како политички став.
„Изјави имало порано ќе има и понатаму, но нам ни е битно што пишува во заклучоците на Европскиот совет. Секако во поширока смисла договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се ставени во преговарачката рамка како дел од добрососедските односи така што ние ниту сме кажале дека тоа нема да се почитува ниту сме кажале дека некој од нашите договори со соседите нема да се почитува. И тоа ќе биде како прашање до крајот на преговорите. Протоколите што се потпишани се спроведуваат и треба да се спроведуваат. Но, тоа не е услов за отворање на првиот кластер. Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени и тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет“,
рече Маричиќ денеска одговарајќи на новинарски прашања по панел-дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“.
Инаку, изјавата на Габриел доаѓа додека во земјава сè уште траат обвинувањата меѓу власта и опозицијата за тоа кој е виновен за блокадата на преговарачкиот процес со ЕУ. Додека за владејачката СДСМ тоа е одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени, за опозициската партија причините се криминалот и корупцијата во редовите на власта.
Премиерот Ковачевски деновиве по самитот на Европскиот совет порача и во повеќе наврати го повтори ставот дека секое очекување за промени на Преговарачката рамка во однос на процесот на проширување е само себезалажување и залажување на граѓаните кое на крај нема да има никаква корист за никого.