Според партијата, иронично е што фестивалот е отворен во присуство на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, но оти и тоа не било доволно организаторите да размислат за вклучување на албанскиот јазик и култура во програмата
Државната манифестација „Охридско лето“, која е финансирана од јавните институции во земјава, се одвива без никакво претставување на албанската култура во нејзината официјална програма, реагираат денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ), откако завчеравечер во Античкиот театар во Охрид се отвори годинешното 65. издание на фестивалот.
„Во една држава каде Албанците претставуваат значаен дел од населението и културниот живот, целосното исклучување на секој албански елемент од еден национален фестивал е неприфатливо и загрижувачко“,
се вели во реакцијата од партијата.

Според партијата, официјалната програма на „Охридско лето“ вклучува концерти, театарски претстави и специјални вечери посветени на европски култури, но ниту еден музички настан, театарска изведба или изложба не ја претставува албанската културна традиција.
„Оваа културна тишина е само по себе исклучувачка порака и доказ дека пристапот кон албанската култура во државните институции не е застапен, туку маргинализиран“,
велат од ДУИ.
Според партијата, иронично е што фестивалот е отворен во присуство на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, но оти и тоа не било доволно организаторите да размислат за вклучување на албанскиот јазик и култура во програмата.
Оттаму додаваат и дека на фестивалот не само што нема никакво претставување на албански уметници, туку целосно недостига секоја точка што го одразува идентитетот, традицијата или современото творештво на Албанците во државата.
„Албанската култура е и треба да биде природен дел од секоја културна манифестација од национално ниво. Нејзиното отсуство од ваква манифестација не е организациско прашање, туку показател на исклучувачка политика што се вкоренува во институционалниот систем на културата“,
пишува во партиското соопштение.
Од ДУИ ги повикуваат одговорните институции да дадат објаснување за, како што велат, ова игнорирање. Сметаат дека Владата, Министерството за култура и раководството на фестивалот треба да сносат одговорност за недостигот на претставување на една од главните заедници во земјата.
Од партијата посочуваат и дека културата не е средство за исклучување, туку столб на соживотот и општествен развој.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерта на 12 јули во Античкиот театар во Охрид го отвори годинешното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.
На свеченото отворање на фестивалот, што традиционално се одржува под покровителство на претседателот на државата, присуствуваше претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Фестивалот е отворен со настап на американската пијанистка Клер Хуангчи, диригентот Едвин Аутвотер од САД и оркестарот на Македонската филхармонија.