Одлуката да се прогласи вонредна состојба е по насока на генералниот секретар за цивилна заштита на Грција и ќе биде во сила до 3 март, со цел, како што соопштија официјалните лица, надлежните да одговорат на итните потреби и да се справат со последиците
По неколкудневните последователни потреси, на грчкиот остров Санторини е прогласена вонредна состојба.
Одлуката на властите следува по земјотресот со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала кој беше регистриран околу 21 часот по локално време во средата. Епицентарот на потресот, кој досега е најсилен од серијата земјотреси, бил помеѓу островите Аморгос и Санторини, на длабочина од пет километри.
Одлуката на Санторини да се прогласи вонредна состојба е по насока на генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Василис Папагеоргиу, и ќе биде во сила до 3 март, со цел, како што соопштија официјалните лица, надлежните да одговорат на итните потреби и да се справат со последиците.
Повеќе од 11 000 жители веќе го напуштија Санторини.
Освен што серијата земјотреси полека ја менуваат конфигурацијата на островот, засега не се пријавени поголеми штети, но властите преземаат мерки на претпазливост и се подготвуваат во случај да има поголем земјотрес.
Неофицијално, островот утре ќе го посети грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.